ВИ­КЕНД РЕПОРТАЖА: ВЕСЕЛАТА ТУРБОФОЛК СТРАНА НА МЕТРОПОЛАТА

Во судниот час, скопјани на бајпас

Ечеше "Кога ќе чукне судниот час, ти ќе бидеш мојот бајпас"

Се фрлаат чевли, се кинат кошули, се кршат чаши и шишиња, млади, топ - дотерани девојки и момци, качени по маси, пеат, е само дел од ат­мос­фе­ра­та на концертот на српската турбофолк-звезда Аца Лукас, кој во пе­то­кот вечер се случуваше во дискотеката "Гранд" до Скопје. Но ваквата сли­ка е секојдневие за Скопје. Речиси во сите кафеани, кафулиња, клу­бо­ви, па и во дискотеки на гостите им нудат луди забави со турбофолк-хи­то­ви­те, кои станаа вистински хит во метрополата. Тогаш нема седење, цуп­ка­ње во место и правење муабети. Кога ќе заечат песните на Лукас, Цеца, Бре­на, Индира, Стоја, на Миле Китиќ, тогаш настанува вистински делириум. Бук­вал­но не се знае кој што прави. Сите се весели, качени на маси и сто­лови и, колку што ги држи гласот, ги пеат од почеток до крај турбо-фолк хи­то­ви­те. А се пие како да е последен ден.
Пос­лед­ни­ве неколку години нема млад човек во градот што не слуша тур­бофолк. Разликата е само во тоа што некои тоа гласно го кажуваат, а дру­ги глумат лудило дека не ја слушаат таа музика туку само признаваат поп, рок или хип-хоп, а откако ќе завршат со промовирањето и правењето ше­ма во Дебар маало, се упатуваат во клубовите и дискотеките каде што ечат турбофолк-хитовите.
Де­ка најдобрите турбофолк-журки ги прави Аца Лукас и оти тој со сво­и­те хитови може да ги комира и да им ги излечи сите болки на неговите фа­но­ви, се покажа и во петокот во дискотеката "Гранд". Иако таа е од­да­ле­че­на 20 километри од центарот на градот и буквално е сместена во ни­ва, тоа не им пречи на скопјани.
На­ша­та турбофолк-вечер почна со петнаесетина минутно барање на пар­кинг-место. Околу дискотеката нема изграден паркинг, па возилата се пар­ки­ра­ат по ниви со сено. Дел од мештаните што имаат ниви до дис­ко­те­ка­та, си поставиле рампи, па на импровизиран паркинг, со земја и кал, наплаќаат по 50 денари за паркирање. Нивите беа преполни со џи­по­ви и "мерцедеси", а слободно место немаше ниту на нивите на кои се нап­ла­ќа­ше. Оние што не си дошле порано, мораа возилата, како и нашата екипа, да ги оставаат на самиот пат и да одат десет минути пеш.
Ко­га стигнавме пред дискотека, по 1 часот по полноќ, нe пречека ко­ло­на од луѓе што чекаа ред за влез. А внатре вистинско лудило. Околу 3.000 мла­ди луѓе, веќе поднапиени, со нетрпение го чекаат настапот на Лукас. Ед­вај успеавме да се пробиеме низ мешаницата и да се качиме на вториот кат, мислејќи дека таму ќе има помалку луѓе. Но залудно. И горе беше пре­пол­но, а гостите, како во транс, скокаа , па за момент си помислуваш де­ка од олкава маса народ, диското може да попушти.
По­се­ти­те­ли­те веднаш се навртеа на шанковите и трчаа по келнерите, ба­рај­ќи дупли дози вотка, виски, шток, за да можат во добро расположение да го пречекаат нивниот миленик. Кога Лукас излезе на бината, веќе сите во дискотеката беа поднапиени, а откако го запеа неговиот последен хит "Бајпас", настана делириум. Потоа Аца продолжи да ги комира скопјани со песните "Кома", "Чивас", "Бели ружи" (Беле руже), "Лична карта", "Пос­лед­но пијанство" (Последње пијанство), "Не преживеав" (Нисам преживео), "Пи­јанс­тво­то е мое царство"(Пијанство је моје царство).....Скопјани во еден глас, заедно со Лукас, од прва до последна ги пееја сите песни. Ечеше "не­кој ми умре, а тој некој сум јас", "ноќва спијам сам како да сум за­ра­зен" и "кога ќе чукне судниот час, ти ќе бидеш мојот бајпас".
Де­вој­ки­те, не можејќи веќе да издржат на високите потпетици, ги собу­ваа чевлите и ги фрлаа низ дискотеката. Момците, пак, испотени, ги соб­ле­ку­ваа кошулите, а некои од нив, кога некој стих од песните ќе ги погодеше, ду­ри и ги кинеа на парчиња. Почнаа да се превртуваат и маси, полни со це­ли шишиња виски, но тоа не пречеше никому, само се нарачуваше но­ва тура и се продолжуваше со играњето и пеењето. Околу два часот ат­мос­фе­ра­та зовре. Немаше воздух, но и тоа никој не го забележуваше. До­те­ра­ни­те млади, со многу алкохол во себе, веќе не личеа на себе. Секоја песна на Лукас се доживуваше со по­себ­ни емоции. Некои од девојките што беа на вториот кат на дискотеката, са­каа да се фрлаат од горе. Имаше и такви кои Лукас буквално ги ко­ми­ра­ше. Паѓаа во несвест, па редарите мораа на раце да ги извлекуваат од дис­ко­те­ка­та и во дворот да им даваат прва помош.
Пи­ја­на­та турбофолк-атмосфера раѓаше и љубов меѓу гостите. Оние што не беа дојдени со партнери, опиени што од алкохолот што од песните на срп­ски­от турбофолкер, многу лесно ја искажуваа љубовта и завршуваа во поз­на­ти, но и непознати прегратки.
По точно два часа, Лукас уште еднаш за крај на концертот го испеа не­го­ви­от последен хит "Бајпас" и во вистински делириум ги остави скопските тур­бофолкери, кои со бурен аплауз и скандирање на неговото име го ис­пра­ти­ја гостинот. Воодушевени од одличниот концерт, коментираа "Аца е цар" или "Браво, мајсторе". Потоа толпата луѓе ја напушти дискотеката и, пе­еј­ќи ги песните на Лукас, се упати кон возилата. Голем дел од нив по бурната ноќ се влечеа по нивите и ги бараа своите возила, оти за­бо­ра­ви­ле каде ги паркирале.
Оние, пак, малкумина што случајно се најдоа на концертот на Аца Лукас, и кои умерено пиеле, со чудење ги гледаа нивните пријатели и се прашуваа што е тоа што го прави турбофолкот толку заразен за да дејствува како опи­ум на луѓето.
(А. Антевска)
ФО­ТО:О. Теофиловски