ЗАСИЛЕНА КОНТРОЛА НА ГИНЕКОЛОШКИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА
Клуч за ризичните родилишта
Министерствотото за здравство почна акција за санација на родилиштата во земјава. Ќе се прави засилена контрола на гинеколошките одделенија и родилишта во сите болници во земјава, ќе се инсистира на доследно почитување на протоколите за работа. Министерот за здравство Бујар Османи овој пакет мерки го најави откако за неполни три месеци во Прилепската болница починаа три родилки, и каде што поради лошите услови за работа, деновиве беше затворено родилиштето. "Проф. Гордана Адамова ја назначив за национален координатор и назначив заменик и тие ќе ја координираат целата оваа акција за засилена контрола. Ќе имаат мандат превентивно да ги затвораат родилиштата кои не ги исполнуваат условите за квалитетна здравствена заштита", рече Османи. Тој вчера ја повика Лекарската комора до понеделник да состави список на експерти за комисиите за стручен надзор, кои пак во рок од еден месец треба да дадат предлог мерки за средување на состојбите. Министерот побара од сите стручњаци, асоцијации и комори во следните 10 дена до Министерството писмено да достават сугестии и мислења за тоа како да се подобри здравствениот систем. Истрагата за случајот со Прилепската болница ќе продолжи и во Државниот здравствен и санитарен инспекторат, каде ќе се проверува зошто претходно не се преземени мерки во ова родилиште. Министерот не ја исклучи можноста да бидат разрешени и други директори на здравствени установи. (Е.А.)
Стоматолог, в.д. директор на Прилепската болница
Илија Богатиноски, стоматолог од примарното здравство е в.д. директор во Прилепската болница. Ќе има полни раце работа додека добие комплетна слика за состојбата во болницата, во која пред пет дена почина родилка, немил настан по кој на виделина уште еднаш излегоа катастрофално лошите услови во кои функционира болницата. Нема поставено нов човек кој ќе менаџира со финансиите во Прилепската болница, каде што сe уште се чекаат резултатите од земените брисеви и наодите од обдукцијата на починатата родилка. (В.То.)
|