полициска АКЦИЈА "РАСПУСТ" ОКОЛУ ГРАДСКИОТ ПАРК ВО СКОПЈЕ
Им правеле алкотест на пешаци
За викендов полицијата во акцијата "Распуст", поради "оддавање на пијанство на јавно место", приведе 16 алхохолизирани скопјани, од кои еден малолетник
Во саботата вечерта скопската полиција, во акцијата наречена "Распуст" ги собра скопските пијаници. Акцијата била спроведена во Градскиот парк, на булеварите Илинден, Свети Климент Охридски и Партизански одреди и на улицата Франклин Рузвелт. При контролата, како што соопшти полицијата, биле легитимирани над 100 пешаци, од кои во полициските станици "Карпош" и "Центар" биле приведени 67. Со алкотестови било утврдено дека 16 лица, од кои едно е малолетник, биле пијани, и против нив ќе бидат поднесени прекршочни пријави за "оддавање на пијанство на јавно место", додека против 22 лица ќе бидат поднесени прекршочни пријави поради нарушување на јавниот ред и мир со карање и викање и непристојно и дрско однесување. Во акцијата биле запленети пиво, вино, вотка и коњак кои приведените ги имале кај себе. Контролата била спроведена заедно со Центарот за социјални работи, со Трудова и Пазаришна инспекција. Полицијата најавува дека и во иднина ќе презема вакви и слични акции. Полицијата не соопшти што се случило со пешаците што биле тестирани со алкотест, а не биле пијани. Вчера неколкумина од уапсените реагираа на акцијата "Распуст". За нив е нејасно зошто тие биле приведени и им биле поднесени прекршочни пријави. Тие велат дека полицијата не го следи западноевропскиот тренд. "Зар треба да се уапси половина Прага, Амстердам, Минхен каде што за викендите масовно се пие по напорната работна недела. Мое право е дали ќе се опијанам или не. Полицијата треба да реагира ако некој стори навистина сериозен прекршок. Зар и во Охрид, среде туристичка сезона, ќе ги апсат сите расположени гости што ќе се занишаат на улица", прашува револтиран скопјанец што бил легитимиран за време на акцијата на булеварот Илинден. Граѓаните што живеат во зградите околу Градскиот парк и во Дебар маало ја оправдуваат акцијата на полицијата. Тие не само што се жалат на бучавата од дискотеките, од која не може да се спие до 4 часот наутро, туку и на несовесните возачи што ги паркираат колите среде тревниците, и на неприличното однесување на посетителите на Градскиот парк. Велат дека е ужасна глетката во вечерните часови кога стотици млади со шишиња во рацете седат во паркот и се пијанат."Неколкупати бев сведок како полицијата оди во паркот и ги советува младите за штетноста од алкохолот, но тоа не помага. Навистина е опасно да се оди на наутро во паркот, кога треба да минете по искршени стаклени шишиња, расфрлани употребени шприцови и што уште не", вели една скопјанка. (А.А.)
|