ХЕЛЕНА БЛАГНЕ УЖИВА ДА ПЕЕ НА МАКЕДОНСКИ
"Кога те нема" е моја химна
За гостинката на Охрид фест од Словенија Хелена Благне (46) како да застанало времето. Секогаш насмејана, елегантна и префината, таа ја потсети публиката на времето кога на "Макфест" пред 23 години ја испеја "Кога те нема". Од истиот автор, Кире Костов, таа ја исполни фантастичната песна "Во сите песни", со текст на Огнен Неделковски.
- Уживам да пејам на македонски. Со моите пријатели тука се обидувам и да зборувам на македонски, дури дадов дел од изјава за телевизија на македонски. "Кога те нема" е моја химна, затоа сакав да го научам македонскиот јазик, кој за нас Словенците обично е потежок, ама јас се потрудив", ни изјави Благне. Во Охрид, таа дојде во друштво на сопругот кој е нејзин соработник и менаџер и на синот кој има 11 години. - Јас никаде не патувам без моето семејство. Ние сме едни големи скитници. Сега помалку работам на пазарот на Словенија и Хрватска. Работам во Канада и во САД. Малкумина знаат дека толку активно не се занимавам со поп музика, туку повеќе со класика. Работам поп - опери, на кои јас не сум вокал туку автор. Работам со млади талентирани пејачи од Канада и од САД, тоа е еден сосема нов правец на музика кој мене комплетно ме освои. Во Македонија секогаш ќе гостувам, секогаш кога мојот пријател Кире ќе ми напише уште некоја убава песна", ни изјави Благне. Хелена ја немаше на фестивалските забави и на прес конференциите на фестивалот. Во друштво на пријателите Кире и Кармен Костови и нејзиното семејство, таа избра мирни ресторани за муабет и добра охридска пастрмка. (М.Џ.) Фото: Г. Чочков
|