НОВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА КАРБИНЦИ НА ВЕЛИГДЕН ЈА СЛАВИ ИЗБОРНАТА ПОБЕДА
Бик на ражен за Груевски
Денеска во кругот на Општината ќе биде ископана дупка, длабока и широка неколку метри, во која ќе биде поставен бикот на ражен, а претходно ќе биде направен специјален жар, за што ќе се потрошат 5-6 кубици дрва
Во кругот на Општината Карбинци в недела претпладне на ражен ќе биде ставен бик тежок 400 килограми. Бикот ќе се пече најмалку 24 часа, односно до пладне наредниот ден в понеделник, кога се планира да започне спектакуларната велигденска веселба, која ја организира новиот градоначалник на оваа општина Васил Богдански. Тој ги кани сите граѓани на Општината Карбинци на заедничка прослава, а специјална покана упатил и до премиерот Никола Груевски и до неговите најблиски соработници. "Ова го правам во чест на големиот христијански празник и големата победа на локалните избори. По 12 години владеење на СДСМ, конечно, Општината Карбинци доби градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ. Денеска ќе биде ископана посебна дупка, длабока и широка неколку метри, во која ќе биде поставен бикот на ражен. Претходно ќе биде направен специјален жар, за што ќе се потрошат 5-6 кубици дрва", вели Богдански. "Бикот и другиот мастраф за велигденската софра, што сe заедно чини околу 1.000 евра, ги обезбедувам од свои лични средства. Денеска бикот, сопственост на еден сточар од планинските плачковички села, ќе биде транспортиран до селото Карбинци. За раженот ќе биде задолжена специјална екипа од Свети Николе. Прославата ќе биде проследена и со богата културно-уметничка програма", задоволно најавува градоначалникот на Општината Карбинци Васил Богдански. Т.Јовановски
|