Кои им се најголемите неисполнети желби на политичарите
И оние за коишто мислиме дека имаат сe што ќе посакаат во животот, имаат неисполнети желби. Политичарите специјално за "Вест" ги откриваат своите желби што досега не станале реалност. Едни велат дека желбите ги претвориле во цели кон кои им е насочена целата енергија, а други раскажуваат дека многу одамна се откажале од упорноста да работат на нивно исполнување мислејќи дека се нереални и неостварливи

Владо Бучковски: Меѓу четворицата синови да имаше ќерка
Поранешниот премиер на Македонија Владо Бучковски вели дека неговата најголема и неисполнета желба во животот е да има ќерка. "Желба ми беше меѓу четворицата синови да имаше една ќерка. Нема повеќе да се обидувам да добијам женско дете, зашто исходот се знае. Од четири обиди, се виде каков маж сум", вели Бучковски. Според него, убаво е човек да има неисполнети желби. Кога животот би бил желботека, вели тој, би се загубила убавината на живеењето.
Руфи Османи: Да живеам во Америка
На независниот пратеник Руфи Османи му се исполни долгогодишната желба да стане градоначалник на Гостивар, но никако не може да ја оствари животната желба - да живее во САД. "Сакам да живеам во Америка како земја на демократијата и слободата, земја на просперитетот, на можноста за напредок во професијата. Едноставно, земја на најголемите светски достигнувања", вели Османи. Тој ни рече дека оваа желба тешко може да му се исполни, зашто ја пропуштил единствената можност што ја имал да се пресели во САД. "Два пати сум бил таму. Првиот пат како член на една делегација, а вториот - туристички, на гости кај пријатели, кога можев да останам, но се вратив во Македонија", раскажува Османи.

Стевчо Јакимовски: Да сум фудбалер
Да стане фудбалер - тоа е најголемата неисполнета желба на новоизбраниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. Тој вели дека кога бил дете, многу сакал да стане професионален фудбалер, но родителите го попречиле во исполнувањето на оваа желба. "Постојано инсистираа да му се посветам на училиштето и ми викаа дека нема да го завршам ако почнам да играм фудбал. Тоа не значи дека не играв во некои помали клубови, но никогаш не влегов во големите прволигашки клубови. Втората најголема желба во животот што не ми се исполни е да станам воен пилот", вели Јакимовски.
Зоран Заев: Да не сум црна овца во семејството
Старо-новиот градоначалник на Струмица и в.д. лидер на СДСМ вели дека неговата единствена и најголема неисполнета желба е да му посвети повеќе време на семејството. Тој вели дека ако успее да ја реализира оваа желба, се надева дека повеќе нема да биде црна овца во семејството. "Сите ми се лутат, бидејќи немам доволно време да им посветам. И сопругата и децата и пошироката фамилија, бидејќи живееме во иста куќа. Се надевам дека во вториот мандат како градоначалник ќе бидам успешен во оваа работа и ќе имам повеќе време за семејството и за децата", вели Заев.
Гордана Јанкуловска: Желбите ми се интимни и за нив не зборувам јавно
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска вели дека има многу неисполнети желби во животот, но и дека не сака со никого да ги сподели. Дел од нив се материјални, а дел - нематеријални. Од нематеријалните, повеќето се интимни и за нив не се зборува јавно, а материјалните - и да не се исполнат, лесно се забораваат", вели Јанкуловска. Според неа, желбите не би биле желби ако лесно се исполнуваат и ако нема кон што да целиш.
Радмила Шекеринска: Да научам да свирам клавир
Да научам да свирам клавир е мојата животна неисполнета желба. Уште кога бев мала, барав родителите да ми го купат овој инструмент, но тие секогаш наоѓаа некое цврсто оправдување зошто не може да го имам. Ми велеа дека клавирот е многу скап и дека дома немаме доволно простор за да го сместиме. Потоа ме убедуваа да ми купат виолина, но јас не бев заинтересирана за неа. Таа вели дека никогаш во животот не пробала да свири на клавир и дека тоа, можеби, ќе го стори еден ден кога ќе се пензионира.
Перо Стојановски: Немам неисполнети реални желби
Министерот за образование Перо Стојановски вели дека нема неисполнети желби во животот. "Реалните желби секогаш ги претворам во цели и една по една ги остварувам. Моја животна желба е сликата на мојот тим од пријатели и од блиски луѓе да биде исполнета со еден куп ситни точки, но за тоа ќе треба да се почека до крајот на животот", вели Стојановски.
Фатмир Бесими: Сакам да привлечеме повеќе инвестиции
Министерот за економија Фатмир Бесими вели дека од детството има повеќе неостварени сништа, меѓу кои е и желбата по завршувањето на средното училиште да продолжи да изучува физика и астрономија. Министерот вели дека сакал да научи за она што е бесконечно и што ги движи сите работи. "Но, во Македонија нема услови за такво школување и се приземјив. Се решив за економијата", вели Бесими и додава дека неговата најголема неисполнета желба во моментов е од неговиот професионален живот. "Најголема неисполнета желба е што нема да успеам да ги реализирам целите за да привлечеме повеќе инвестиции во Македонија, а причината за тоа е глобалната економска криза. Сакавме многу повеќе, но, најверојатно, нема да може да се исполнат тие најавени повисоки стапки на економски раст", вели министерот Бесими.
Ирена Смиљанска
|