НАЈТРОФЕЈНИОТ МАКЕДОНСКИ БОКСЕР ВЕЛИ МУМИН ВО БРАЧНА КРИЗА
Љубовта ме остави пред свадба
Мумин летово требаше да ја донесе сопругата Маја, мис фитнес на Бугарија од 2002 година, во Македонија, на уште една свадба во Скопје, како реприза на софиската од пред една година, ама сега вели дека Маја му е лута
Најтрофејниот македонски боксер Вели Мумин се наоѓа на прагот на развод со Бугарката Маја Полинска, со која се ожени пред една година. "Ми се исполни една од најголемите животни желби, а тоа беше да се оженам со Маја, и пресреќен сум што ќе го минам остатокот од животот со неа. Паднав на нејзината убавина и се засакавме уште од првиот момент кога се запознавме во автобус, на пат за Истанбул", вака тогаш за "Вест" ги опиша своите чувства Вели Мумин. Популарниот Џебен Херкулес, кој интензивно тренира во Скопје за претстојниот "Златен гонг" и не се видел со сопругата три месеци, од Светското првенство во Италија, вели дека се скарани, а во декември ќе отпатува во Бугарија за да се обиде да го спаси едногодишниот брак. "Не сум официјално разведен, ама натаму оди работава. Скаран сум со Маја, и ситуацијата е комплицирана, а најголема причина е моето постојано отсуство зашто имам професионални обврски. По 'Гонгот' ќе одам во Софија за да се обидам да спасам, ако може нешто да се спаси. Првин да видам што е побарувачката, а засега е важно што јас уште ја сакам", изјави 29-годишниот Мумин. Тој летово требаше да ја донесе Маја во Македонија каде што најавуваше уште една свадба, како реприза на софиската од пред една година. Тогаш тој рече дека со Маја планираат деца да прават во Скопје, но плановите сега паѓаат во сенка на караницата со мис фитнес на Бугарија од 2002 година. "Во никој случај нема да прифатам да се преселам во Бугарија. Тука е целиот мој живот, но сметам дека тоа не е некој проблем бидејќи и Маја, уште од почетокот на нашата врска, сакаше да живее тука", вели Мумин. Двократниот освојувач на европската бронза кој, истовремено, настапува и за ЦСКА во бугарската лига, како најсилен адут во обидот да го воскресне бракот го има одличниот однос со родителите на Маја. Тие го засакале уште кога првпат им стапнал во домот, а по неколку месеци, бабата почнала да го пречекува со тавче-гравче и со други македонски специјалитети, а дедото веќе научил по некој македонски збор, за да може полесно да комуницира со зетот. "Со нејзините имам супер однос. Кога и да престојував таму, ме третираа како син. Што се однесува до неверствата, јас сум чист. Е, сега, од кај да знам, може Маја се сомнева бидејќи бев отсутен подолго време, знаете какви се жените", додаде Мумин, кој пред неколку дена доби нова четиригодишна стипендија од Агенцијата за млади и спорт, што значи уште 30.000 евра месечно за да може да се подготвува за наредната Олимпијада. Актуелниот Спортист на годината сe уште е во истиот стан во Автокоманда, и тоа под кирија, и покрај трофејната 15-годишна кариера. Една од причините што не се решава да се пресели во Бугарија, и покрај тоа што таму има подобри професионални услови, е бидејќи целото негово осумчлено семејство сe уште во голема мера финансиски зависи од неговите тупаници. (Н.П)
|