АМЕРИКАНСКИОТ АМБАСАДОР РЕЧЕ ДЕКА ВЛАДАТА СЕ МЕША ВО СУДСТВОТО
Рикер му удри шлаканица на Маневски
"Гледаме анкети во кои македонските граѓани велат дека немаат доверба во судските институции во Македонија. Со тоа се попречува економскиот прогрес на државата. Мешањето на Владата во поединечни судски случаи може да предизвика страв кај граѓаните, како и нивни сомнежи во однос на судските процеси", изјави вчера амбасадорот на САД Филип Рикер. Тој истакна колку е важно да има независно судство во Македонија. Според него, судиите треба слободно да си ја вршат судската функција и не треба да се плашат од последици. "Транспарентноста на судовите е многу важна. Со неа се воспоставува довербата на граѓаните. Важно е на веб сајтовите да се објавуваат сите пресуди, а не само селективно. Информатичката технологија многу помага во тоа", рече Рикер, кој препорача на веб сајт неселективно да се објавуваат и одлуките на Судскиот совет. Академијата за обука на судии и јавни обвинители, потсети тој, е одговорна за воспоставување на една култура на владеење на правото, што е многу важно за евроинтеграциите на Македонија. "САД го поддржуваат македонското правосудство, како што американскиот народ, во континуитет, го поддржува македонскиот народ", потенцираше Рикер во Академијата за судии и обвинители. Академијата вчера го промовираше својот веб портал, софтверско решение на "Мајкрософт". (С. К. Д.)
Маневски: До лани судиите не знаеја да работат на компјутер
"До пред една година две третини од судиите не знаеја да работат на компјутер. Сега таа бројка се сведе само на еден до два отсто судии, и тоа се оние што за некој месец ќе заминат во пензија. Над 600 судии поминаа компјутерска обука, во тек е набавка на нови 450 компјутери за во судовите", рече вчера министерот за правда Михајло Маневски, заблагодарувајќи му се на амбасадорот на САД Филип Рикер за помошта и посветеноста на неговата држава, особено во воведувањето на информатичката технологија во судството во Македонија. За министерот е успех и што се воведе дури сега Интернет во судовите, па и тоа го потенцираше како реформа во судството.
|